Sat. Apr 4th, 2020

А Г О Р А

ВЕСТИ, ИСТРАЖУВАЊА И АНАЛИЗИ

ЗЛАТКО СТОЈАНОВ: Конфликт на идентитет


Живееме во интересен период на човештвото, во момент на кристализирање на нови форми на  колективни идентитети. Модерното општество, особено во западните земји се оттргна од старите форми на колективен идентитет заснован на расен, етнички, национален или религиозен идентитет и формирање на нов атомизирачки индивидуализам. Можеби е парадоксално новиот колективен идентитет да биде отфрлањето на самиот концепт ка колективна идентификација, но оваа појава на западниот „Нов Човек“, кој за себе има перцепција дека ги отфрла стегите на репресивното колективно општество, е интересен феномен на модернитетот.

Ваквата идеја е строго спротивставена на идејата на национализмот, кој тврди дека целокупното човештво е поделено во нации кои имаат свој дистинктивен карактер и форма. Ваквите нации не се само политички единици кои оперираат во сферата на меѓународната заедница на нации, туку претставуваат заедници кои преку вековна историја се здобиваат со уникатни карактеристики преку кои се разликуваат една од друга.

Колективниот идентитет на една група на луѓе, кој би бил заснован на определена карактеристика или перцепирана карактеристика која членовите на групата ја имаат, се заменува со идејата за глобалниот човек. Оваа индивидуа создава стеги само со луѓе кои на неа и се мили. Ригидните структури на припадност се само илузии кои таа ги отфрла и ги заменува согласно моменталните желби. Доколку постои желба за отфрлање на вековните религиозни ритуали кои биле пренесени од генерација до генерација или на други колективни идентитети, тогаш се врши ова поради погодност. Индивидуалистот во определени случаи комплетно ја отфрла својата домородна култура гледајќи на неа со презир, како заостаната антика, нешто што го спречува неговиот успех во општеството.

Прашањето што јас го поставувам е дали колективниот идентитет ни дава нам определени бенефити кои во атомизирачкиот идивидуализам се изгубени. Ова не е напад на индивидуализмот или желба за формирање на авторитарна форма на колективизам кој би ги форсирал луѓето да ги следат принципите и ритуалите на колективниот идентитет, туку преглед на предностите кои определено ниво на перцепција на колективна припадност има врз индивидуата.

Првенствено еден од најголемите бенефити е појавата на комуналната заедница. Секако дека и во индивидуалистичкото општество постои определена форма на комунализам заснован на принципот на самоопределување, но традиционалната форма на комунално општество нам ни дава влез во него со самото раѓање наместо со свесно самоиницијативно влегување. Ова создава ситуација во која заедницата е сврзана со определена карактеристика која се проткајува низ секој член, намесно со желбата за влез во неа. Ваквата заедница покажува и определени појави кои можат да бидат негативни, како силен регионализам и недоверба на членови надвор од заедницата, но истовремено членовите ја добиваат заштитата на комуната.

Друга бенефит на колективниот идентитет наспроти атомизираниот индивидуализам е појавата на едно чувство за цел. Ваквото чувство застапено преку членувањето во колективна заедница кај луѓето создава претстава на една возвишена цел за заштита на заедницата или за продолжување на вековните традиции. Тоа чувство на цел го облагородува човекот преку поставување на нешто повисоко над него, на едно чувство на припадност на вековни традиции.

Колективниот, како и индивидуалниот идентитет на секој човек треба да биде во определен баланс. Атомизирачкиот индивидуализам додека и дозволува на индивидуата ниво на самореализација, има негативни последици на човековата психа. Ние сме социјални животни, а отфрлањето на вродениот комунален дух за сметка на персонални преференции може да има негативни последици. Комуналниот дух е одраз на стариот племенски менталитет на човекот. Појавата  на идентитет кој ја претставува индивидуата како изолиран член кој се стекнува со колективни особености само преку сопствен избор, е отфрлање на реалноста на вродениот колективен дух на човештвото, на членството во племето по крв.

На крај, како овој конфликт меѓу идентитетите се одразува во Македонија. Модерниот Македонец има силен колективен дух одразен преку неговата етничка припадност. Различните етницитети кои живеат на територијата на Македонија за себе имаат претстава како припадници на колективни групи чие членство го стекнале со самото раѓање. Истовремено постои и желба за богатството на западниот свет. Модерниот Македонец е во средината меѓу два идентитета, тој истовремено сака да ги задржи своите традиции и својата форма на колективизам, но и бара влез во Западниот свет не само од економска, туку и во интелектуална  смисла. Како овој конфликт меѓу идентитети ќе се одрази на нашата иднина, и кој од нив ќе го држи македонскиот дух е прашање кое не можеме да го одговориме, може само да бидеме набљудувачи.

Златко Стојанов

Штип, 25. 07. 2019

Copyright © All rights reserved. | Newsphere by AF themes.