Mon. Feb 24th, 2020

А Г О Р А

ВЕСТИ, ИСТРАЖУВАЊА И АНАЛИЗИ

ИГОР СТОЈАНОВ: Лажни вести – што е тоа и кој ги креира?

1 min read

Прво мораме да расчистиме што е лажни вести и дали ова што ние денес во Македонија го гледаме може да се нарече лажни вести. Апсолутно не. Тоа не е лажни вести според феноменот на лажни вести (fake news) кој денес го гледаме во светот. Она што кај нас го гледаме е едноставна медиумска манипулација и политичко-партиска пропаганда. На овој начин можеме да забележиме како нашите политичари ја користат популарноста на терминот „лажни вести“ за да приграбат за себе одредена моќ и контрола над медиумскиот простор, односно над медиумите во Македонија. Светската јавност исплашена од терминот „лажни вести“ ќе дозволи на политичарите да имаат дел од контролата над медиумскиот простор. Во Македонија има многу малку класични лажни вести (fake news) кои ги прават тинејџери за профит од реклами.

Но нејсе, ајде и да се согласиме партиско-политичката пропаганда да ја викаме „лажни вести“ друго важно прашање кое мораме да го расчистиме е „Кој ги креира лажните вести?“. Без одолговлекување да одговорам – тоа се политичарите. Долгорочно, само и единствено политичарите имаат интерес да креираат лажни вести или да „нарачуваат“ креирање на лажни вести или подобро кажано на медиумска пропаганда. Размислите, кој на крајот го има бенефитот од појавувањето, креирањето и ширењето на пропагандата низ медиумскиот простор. Зарем тоа се новинарите? Тие немаат апсолутно никаков интерес ако зад нив не стојат политички ветувања, политичко/партиски уцени или пак политичко/партиски награди. Зошто инаку новинарот би пласирал лага за одредена политичар или политичка партија. На долг рок тоа сепак влијае негативно и на него и на рејтингот на неговиот медиум.

Се на се, јасно е дека политичарите се креатори на најголем дел на лажните вести, а следствено на тоа и политичките партии кои функционираат како држава во држава. Функционираат како моќни ентитети кои имаат развиено добра инфраструктура, поданички менталитет кон своите членови, и оперираат на начин на кој оперираат или мафиите или државите. Сега, во оваа ситуација во која се наоѓаме политичарите повторно се тие кои ќе го решавале проблемот на лажните вести. Замислите, сега кога тие се во позиција во која не им одговара да постојат лажните вести, бараат ние граѓаните, новинарите и медиумите, да им ја дадеме моќта на нив , затоа што тие се нели најпаметните од нас и тие ќе ни го решаваат проблемот кој тие ние го создадоа.

Во меѓувреме да расчистиме дека лажните вести, медиумската манипулација и пропаганда во Македонија постои, и тоа нанесува голема штета на демократските процеси и на општеството. Согласен сум дека мора да се работи на анулирање или намалување на влијанието на лажните вести. Но сепак од друга страна сметам дека не смееме да им дозволиме на политичарите да се справуваат со тоа. На крајот на краиштата што правиме со тоа што тие, политичарите, пласираат лажни информации во јавноста. На пример, лажни ветувања, лажни предизборни кампањи, лажни најави, лажни информации и слично. Како одеднаш тоа не е проблем, а проблем се некои информации кои влијаат на нивниот рејтинг? Ајде нека направат систем во кој најпрвин ќе ги анулираат лажните информации меѓу политичарите, па ако тој систем опстои и функционира тогаш ќе го имплементираме и во медиумите? Како што гледаме политичарите не успеаја да се справат со лажните информации кои ги изнесуваат самите тие, па како да очекуваме дека тие ќе се справат со лажните информации во медиумите?

Единствени кои имаат капацитет да се справат со лажните вести се Здружението на новинари, самите новинари и медиумите. Изминатите години политичарите докажаа дека немаат капацитет да бидат мерило за вистината или да се поистоветуваат со вистината. Напротив тие изградија имиџ на луѓе кои често ја користат лагата.  Од тој аспект тие немаат морално право над вистината. Немаат ниту новинарите, но тие се единствените во медиумскиот пазар кои на долг рок немаат интерес од лажните информации и пропагандата.  Ако толку сакаат вистински да се справат со непрофесионалното новинарство единствено што можат е да го поддржат Здружението на новинари на Македонија кое со години се обидува да ја стави во функција саморегулацијата на медиумите, но и тие самите (политичарите) да не ги употребуваат медиумите и новинарите како инструмент за пласирање на сопствената партиско-политичка пропаганда.

Copyright © All rights reserved. | Newsphere by AF themes.