Mon. Jan 13th, 2020

А Г О Р А

ВЕСТИ, ИСТРАЖУВАЊА И АНАЛИЗИ

ИГОР СТОЈАНОВ: Зошто луѓето веруваат на лажните вести?


Луѓето веруваат на лажните вести затоа што тие се по вистински од вистинските вести. Таа реченица, иако контрадикторна  тотално контра – интуитивна може да објасни зошто луѓето почесто веруваат на неточните информации. Медиумите во светот, вклучително и оние во Македонија, целосно се одвоија од јавноста и од својата публика. Тие веќе не се артикулатор на јавното мислење, тие се претворија во машинерија на сите власти и елити. Тие се претворија во засилувачи на мислењата и ставовите на политичарите и бизнисмените. Медиумите станаа она што политичарите и елитите размислуваат, а тоа не е исто со она што размислува најголемиот дел од граѓаните. Ако имате предвид дека националниот сервис во Македонија, Македонската Радио Телевизија, медиумскиот гигант кој го плаќаат сите, нема дописник, нема човек, во Источна Македонија и веројатно многу малку во Западна Македонија,  ќе ви стане јасно зошто овој сервис е далеку од реалноста во државата. Ако имате предвид дека и најголемите мејнстрим медиуми во државава имаат не повеќе од 7 до 10 луѓе надвор од Скопје, а по преку 100тина новинари, репортери и уредници што поблизу до зградата на владата, ќе ви стане јасно зошто тие мислат дека најголем проблем на граѓаните е оној со името, и дека најважно им е на граѓаните од Струмица, Штип, Гевгелија или Берово, дека претседателот Пендаровски испратил честитка за изборот на нова влада во Словачка.

Вистинските вести изгледаат потполно нереално за голем дел од граѓаните во државата.

Вестите кои тие ги гледаат на централниот дневник се надвор од нивните животи, тоа не е животот кој тие секојдневно го живеат, тоа не се проблемите и предизвиците со кои тие се соочуваат, тоа не е криминалот кој тие го гледаат во своите населби, тоа не е неправдата која тие искусуваат врз себе и своите роднини, тоа не е мобингот кој го трпат од своите газди… Наместо тоа на главните вести тие гледаат некои ликови во скапи костуми, некои големи лажговци кои изгледаат фино, некои криминалци кои звучат скромно и праведно, некои луѓе кои мислат дека Кратово и Валандово се соседни градови. И нашите новинари денес се во она што се нарекува „метрополитен балон“ – затворени во информациониот балон на големите градови и владините ходници. Најголемите весници во САД (сконцентрирани во Њујорк) беа убедени дека Хилари Клинтон ќе победи на изборите затоа што такво беше јавното мислење. И да, таа победи, во Њујорк со 90%, но не и во САД. Таква е ситуацијата и кај нас. Вистината за нив е онаа во Скопје.

Затоа лажните вести им изгледаат повистинити на луѓето. Затоа што лажните вести се олицетворение на нивните стравови, на нивните реални проблеми, на нивните реални грижи. Лажните вести ги креираат граѓани, а не новинари. Лажните вести се статуси на фејсбук, твитови, и разни муабети. Тие лажат за кликови, лајкови и шерови, овие другиве лажат за интересот на политичарите и елитите. Изгубена е довербата и во системот и во медиумите и таа не се враќа со документ за јавни политики, таа не се враќа со упатство за препознавање на лажни вести или со формирање на комисија или работно тело, таа се враќа со ослободување на медиумите и новинарите.

Вие денес во Македонија, а уште помалку во светот, не можете да наборите 5 истражувачки новинари или големи новинарски имиња. Ги нема. Мора одново да се креираат, но ако се креираат ќе се креираат на штета на власта, на било која и било каде. За некој новинар да блесне мора некој политичар, некој властодржец, некој рејтинг да падне. Ви текнува ли зошто нема такви новинари? 

Игор Стојанов

Штип, 01. 10. 2019 година

Copyright © All rights reserved. | Newsphere by AF themes.