Tue. May 26th, 2020

А Г О Р А

ВЕСТИ, ИСТРАЖУВАЊА И АНАЛИЗИ

ИГОР СТОЈАНОВ: Хистеријата околу лажните вести може да биде опасна?


Речиси во се што веруваме, се што знаеме, се што имаме во нашите глави доаѓа од друга личност. Независно дали станува збор за точна или неточна информација таа е резултат на информации и знаење од други луѓе во текот на нашиот живот. Ние сме социјални „животни“ и сме исклучително зависни од мислењето и информациите на другите. Единствен начин да се информираме е од други луѓе. Така се формирал човековиот мозок, благодарение на тоа што учиме од другите така се развиваме.
Затоа вие не треба одново и одново да учите за нештата, затоа што некој пред вас го искусил и ви го кажал. Замислете го влезот на информации како еден канал, како една врата во нашиот мозок. Кога таа „врата“ за информации е отворена за развој на човекот, за добри и корисни информации, таа „врата“ е отворена и за лошите вести и за неточните информации. Ако ја затворите оваа врата ја затворате за двете работи, ако ја отворите ја отворате за двете.

Земете го нај основниот факт што го имате во вашата глава. Да речеме дека земјата е округла. Како прво, сигурно дека вие тој факт го имате слушнато од други луѓе, и како второ не можете да го проверите или барем најголем дел од нас не го проверуваат. Мозокот функционира на начин што дозволил да веруваме на одредени факти без да ги провериме, со цел да не губиме премногу време. Значи, ние сепак веруваме на други луѓе без можност да провериме. Од нај основните до нај сложените факти. Така функционира биологијата на нашиот мозок. Ако вие пробате да ја затворите таа „врата“ со цел да не влезат неточни информации или лажни вести, ќе ја затворите и за информациите кои се точни. Затоа тврдам дека хистеријата за лажни вести може да предизвика премногу скептични граѓани кои нема да веруваат во ништо, но и нема да го реши проблемот што го имаме сега. Земете пример човек што моментално верува во теории на заговор. Ако го бомбардирате тој човек со тоа дека во светот постојат многу лажни вести вие го заклучувате неговиот систем на доверба засекогаш и тој останува да верува во теориите на заговор засекогаш. Затоа што ја затворате „вратата“ за лажни вести, но ја затворате и за вистинските. Тоа е истиот канал. Неговиот вредносен систем сега останува забетониран. Ако некогаш се обидете да му доставите факти кои се против неговите теории на заговор неговиот мозок ќе ги одбие фактите со аргументот „лажни вести“, оти нели рековме дека не можете се да проверите, па така не можете да ги проверите и вистинските факти. 

Сите ние имаме социјална доверба, доверба во другите луѓе. Се плашам дека хистеријата околу лажни вести сериозно ја разнишува социјалната доверба која ја има меѓу луѓето. Кога вие велите „знам дека сонцето се врти околу земјата“ или „знам дека САД слетаа на месечината“ вие всушност велите „верувам на учителот во основно и средно“ или „верувам на НАСА и сите научници кои ги имам слушнато на темата“.

Лажните вести се шират на истиот принцип како и вистинските вести. Ако вие се потпирате на новинарите, научниците и професорите и им верувате на нив, на кој се потпираат тие? На други луѓе, можеби на други новинари, научници и професори. Невозможно е да се провери се, мора да имаме некоја рамка во која ќе дозволиме да кажеме дека нешто е вистина. Дури и оние кои откриваат нови вистини, тргнуваат од претходни вистини кои тие исто така не ги провериле, туку ги слушнале/прочитале од некој друг.

Затоа мислам дека хистеријата околу лажни вести може да предизвика негативен ефект и дека е подобро „вратата“ да остане отворена. Наместо да им се влева страв на луѓето дека може да бидат излажани да се стимулира критичкото мислење и да се стимулира слободата на говор. Да се изградат луѓе, новинари, професори, експерти и авторитети на кои луѓето ќе им веруваат. Оти луѓето веруваат на луѓето и тоа така треба да остане. Секој факт да биде предизвикан од друг факт, па луѓето ќе си веруваат во што ќе изберат.

И напротив, демократијата не се загрозува од слободата на говор, демократијата се загрозува ако се направи обид да се ограничи слободата на говор макар и во функција на „справување со лажни вести“.

Игор Стојанов

Колумната е објавена во „Штипски глас“, бр. 96

Copyright © All rights reserved. | Newsphere by AF themes.