Fri. Apr 3rd, 2020

А Г О Р А

ВЕСТИ, ИСТРАЖУВАЊА И АНАЛИЗИ

ДЕЈАН МАРОЛОВ: Јазикот како средство за (не)разбирање


Дозволете ми да се приклучам во револтот против ставот на Бугарската Академија на Науките (БАН) во однос на тврдењето за непостоење на македонски јазик. Едноставно, постоењето на македонскиот јазик е факт признат од ООН и многубројни држави ширум светот каде постојат и катедри кои го изучуваат македонскиот јазик и литература. Воедно постојат и држави од сосетството (Србија) но и членки на НАТО (Албанија) па и ЕУ (Хрватска) каде македонскиот јазик  е признаен како малцински јазик согласно нивните највисоки правни акти и закони. Да не ни зборуваме за апсурдноста на одредени бугарски тврдења дека тоа што македонскиот јазик е сличен на бугарскиот е крунски доказ дека станува збор за еден исти јазик. Впрчем споредете ги само чешкиот и словачкиот јазик или пак српскиот и хрватскиот. Станува збор за поглема сличност од онаа помеѓу бугарскиот и македонскит јазик, па сепак, никому не му паѓа на памет да каже дека некои од овие јазици не постојат. Јазикот е категорија се менува, развива и еволуира. Така денес веќе можеме да зборуваме и за посебен црногорски јазик.

Отуука, ставот на БАН, па нека е тоа и официјален став на Бугарија, сам по себе не може да го избирише фактот на потоење на македонскиот јазик ниту пак да натера трети држави да не го почитуваат тој факт. За ова верувам дека се свесни и во Бугарија. Сепак овој став на БАН има друга цел, а тоа е градење на соодветна позиција која ќе треба да биде поткрепена со аргументи во моментот кога ќе биде активирана. Едноставно, Бугарија може да игра по веќе испробаното грчко сценарио. Што значи тоа? Имено, никој не може да ви каже како ќе се вика вашата држава и никој не може да им нареди на трети држави како ќе ве викаат. Но, ако самите прифатите промена на името тогаш тоа е драстично поинкава ситуација. Како претходново е претходново апликативно за Бугарија?

 Бугарија има најмалку два инструменти во раце. Прво е членка на ЕУ, а второ го има Договорот за пријателство од 2017 год. Во однос на првиот инструмет, не треба да бидете експерт за да предвидите дека во определена фаза на преговорите со унијата, Бугарија ќе го искористи или барем сериозно ке се закани со употребата на правото на вето за членство на Македонија во ЕУ.  Веќе може и да се исцртаат контурите на нивниот официјален став за тоа како Бугарија не ја блокира нашата република но има задршка  за тоа дека македонскиот јазик нема да може да биде еден од официјалните јазици внатре во ЕУ. Ќе се каже дека тоа не е ништо ново во праксата на унијата и веројатно ќе се презентират примерите со одредени членки на ЕУ Австрија, Белгија и Луксмбург итн.

На крај, пред влегувањето во ЕУ, сепак Македонија ќе мора да направи некаков вид на нов компромис на нејзина штета. Темелот на овој договор ќе биде веќе постоечкиот Договор за пријателство во кој пишува дека Договорот е потпишан на бугарски јазик согласно Уставот на Бугарија и македонски јазик согласно уставот на Репубика Македонија. Арно ама во меѓувреме нашиот Устав стана Устав на Република Северна Македонија што директно влијае на оваа одредба од договорот што сега практично гласи македонски јазик согласно уставот на Република Северна Македонија. Е токму ова драги мои ќе биде минимумот од кој нема да отспатува Бугарија. Ова практично би значело да во личната карта на нашата република како членка на ЕУ во графата јазик на државата нема да стои “македонски јазик” туку во најдобар случај “македонски јазик согласно уставот на Република Северна Македонија”. Уште поверојатно Бугарија ќе притиска за некоја формулација од типот “јазик на Република Севена Македонија” или пак “службените јазици на Република Северна Македонија”  зошто да не заборавиме дека во Македонија веќе има два службени јазици. Последново ќе биде нашироко поздравено од определени групи и дома и надвор како врвно мултикултурно демократкско достигнување. Претпоствувам дека кога ќе дојде до овој момент, пак ќе има некој политичар кој ќе ни каже дека ова е уште еден голем успех за Македонија и веројатно ќе се очекува од на дури и да славиме повторно.

Искрено се надевам дека грешам во моите проценки а со цел да укажам на еден можен правец на односите со Бугарија за што мораме да сме подготвени и да предземе соодветни мерки, а воедно се надевам дека грешам зошто бугарскиот народ, кој ни е и повеќе од близок, нема да подржи еден ваков правец на политка на луѓето кои го водат и ќе се залага за вистинско пријателство.

Дејан Маролов

Штип, 15. 12. 2019 година

Copyright © All rights reserved. | Newsphere by AF themes.