Wed. Feb 19th, 2020

А Г О Р А

ВЕСТИ, ИСТРАЖУВАЊА И АНАЛИЗИ

ДИМИТАР ЉОРОВСКИ ВАМВАКОВСКИ: Македонизмот и неговите непријатели

1 min read

Појавата на македонизмот како национална идеологија, во форма на протонационализам, датира од втората половина на 19-от век. Тој се родил и се развивал меѓу словенoговорното население во османлиска Македонија, во специфичните услови на доцноосманлиското општествено уредување.

Слично како и кај другите словенски народи кои биле под османлиска доминација, македонскиот протонационализам се јавил како реакција на духовната, културната и училишна потчинетост на словенското православно население на Цариградската патријаршија, која во тој период веќе претставува инструмент на грчкиот национализам. Политичка форма на овој протонационализам бил отпорот и оружената борба на македонското население против османлиската власт.

Главен маркер на идентитетско препознавање на ова население било територијата на која егзистирале, која тогаш, а и во минатото се именувала како Македонија.

Македонизмот уште во својот зародиш бил препознаен од останатите балкански национализми: грчкиот, бугарскиот и српскиот. Ако се земе предвид дека за османлиската политичка власт националната идеологија се уште била далечна и тешко можела да ги предвиди последиците по неа од појавата и развојот на оваа нова (модерна) идеологија, тогаш како најголеми непријатели на македонизмот во овој период, а и до ден денешен, ќе се истакнат грчкиот и бугарскиот национализам, па дури потоа, со послаби можности, српскиот.

Грчкиот и бугарскиот ги имале сите можности кои и биле допуштени од османлиската власт преку милет системот.
Оттука, за грчкиот, бугарскиот и српскиот национализам, македонизмот е некаков си вештачки продукт, резултат на туѓи влијанија чија крајна цел била македонското население да ги оддели од нивните национални јадра.

Па, така, на пример, за бугарскиот национализам, најголем „пријател“ на македонизмот, а нивни „непријател“, е србизмот, комунизмот и југословенството, кои според нив придонеле да се појави македонската нација, т.е. да ги оттргнат Македонците од бугарското племе.

Сепак, науката го докажа, а и нивните научници од крајот на 19-от век го увидоа раѓањето на македонизмот, но наместо да го прифатат, тие почнаа фронтална војна против него, на тој начин, до ден денес, до крајна мерка комплицирајќи го т.н. македонско прашање.

Димитар Љоровски Вамваковски

Скопје, 07. 01. 2020

Copyright © All rights reserved. | Newsphere by AF themes.