Mon. Jan 13th, 2020

А Г О Р А

ВЕСТИ, ИСТРАЖУВАЊА И АНАЛИЗИ

ИГОР СТОЈАНОВ: За време на изборите не верувајте на социјалните мрежи

1 min read

Доаѓаат нови избори во Македонија. Манипулацијата и пропагандата на изборите ќе биде присутна можеби и како никогаш до сега. Благодарение на тоа што преку интернет секој има достап до вниманието на гласачите, сега таа манипулација и пропаганда може да биде од секого кон секого. Ова во одредена смисла е во корист новинарството. Затоа што сѐ повеќе се цени доброто новинарство, а сѐ помалку се верува на неформалните извори на информации.

Со појавата на социјалните мрежи и интернетот мислевме ќе ја откриеме ултимативната вистина и дека ќе ставиме крај на „манипулативните мејнстрим медиуми“, но по се изгледа дека интернетот и социјалните мрежи е многу полесно да станат манипулативни мејнстрим медиуми во вистинска смисла на зборот.

За да разберете колку голема манипулација постои на социјалните мрежи мора да знаете што користат партиите на интернет за да го придобијат вашето внимание. Тоа се ботови, тролови и манипулација со алгоритмите преку емоции. Емоции користат од секогаш и не само на интернет, но овде се многу важен елемент за да можете да ја препознаете манипулацијата и пропагандата.

Ботови се профили на социјалните мрежи кои се водени од страна на компјутери. Наједноставно кажано зад тие профили не постојат вистински луѓе туку едноставна вештачка интелигенција. Нивната работа е да создаваат вештачка популарност на одредени политичари или политички партии. Како што може да се види и во Македонија, вие имате политичари кои имаат повеќе лајкови од гласови. Не можам со сигурност да кажам дека македонските политичари користат ботови за зголемување на својата популарност на интернет, но некои проценки во Европа и САД велат дека дури до 40% од лајковите на одредени политичари доаѓаат од лажни профили. Оваа вештачка популарност може да предизвика позитивен фидбек дури и преку споделувања или ретвитови и вие да имате чувство дека одредени пораки од политичарите се споделуваат многу често. Тоа е вештачко и лажно. Човекот како поединец, често реагира како што реагира масата на луѓе, па затоа е поверојатно да дадете поддршка на некој кој гледате дека има популарност.

Денес е многу лесно да се купат лајкови. Едноставно напишете на Гугл дека сакате да купите следбеници на социјалните мрежи и за многу ниски цени вие можете да станете „популарен“ на интернет.  Од ова може да се извлече заклучок дека никогаш не можете да знаете колку вистински лајкови има одреден политичар на социјалните мрежи и тоа никако не смее да биде пресудно за да знаете кој политичар е популарен, а кој не.

Политичарите и нивните ПР агенции манипулираат со алгоритмите на социјалните мрежи. Алгоритмите на интернет се оптимизирани за да го задржат вашето внимание. Тоа е од чисто бизнис причина. Што повеќе време давате на одреден вебсајт тоа повеќе пари за тој вебсајт. Вашето време е пари за нив. Меѓутоа што го задржува вашето внимание? Тоа се најчесто емотивни крајности. Или нешто што е премногу среќно, весело и буди убави чувства или нешто што е премногу страшно и опасно и буди негативни чувства. Овде ќе забележите дека политичарите од власта ќе имаат за цел да ги побудат вашите крајно позитивни чувства на начин што ќе пишуваат и споделуваат работи кои се во насока дека на вас никогаш не ви било поубаво, дека земјата е тргната напред како никогаш до сега, дека ова што се случува е неверојатен пресврт кон позитивното. Додека партиите од опозицијата, ќе одат со апокалиптични сценарија. Дека одиме во амбис, дека ќе ја снема државата, а можеби и вас. Истражувањата покажуваат дека негативните емоции привлекуваат повеќе внимание од позитивните. Можеби затоа ВМРО-ДПМНЕ и кога беа на власт заговараа дека државата ќе исчезне, дека се спрема некој голем заговор, дека мора луѓето да се кренат на нозе или пак можеби затоа СДСМ кога беа во опозиција користеа страшна терминологија за тогашната власт, за проблеми кои не се толку страшни или пак не се во моќ на власта да ги реши. Сигурно знаете дека човек под силни емоции не размислува нај разумно, затоа и се трудат да ги побудат силните емоции кај вас за да не размислувате трезвено. Нешто слично како кога сте вљубени, под дејство на тие силни емоции може да правите многу „глупости“.

Вакви емотивни замки користат троловите – третата алатка во рацете на политичките партии. Тоа се професионалци кои дневно осум до десет часа поминуваат на социјалните мрежи управувајќи со повеќе профили, поттикнувајќи или супресирајќи дебата. Овие тролови најчесто се служат со негативните емоции.  Влегуваат со коментари на статуси, со свои статуси, со твитови и споделувања и се служат со јазик кој е на работ на навреди, заговори и апокалипси. Тоа јасно може да се види кај одредени луѓе на социјалните мрежи во Македонија кои свесно и смислено користат јазик кој има навреди, пцовки и сосема несоодветни емотивни крајности. Целта е да го предизвикаат вашето внимание, тие се платени за тоа. Целта им е да предизвикаат негативна дебата за противникот или да ве спречат вие да ширите негативности за нивниот кандидат. Затоа многу често напаѓаат и лично.

Од овој текст, кој повеќе е како упатство, може да се каже дека за време на изборите морате да биде повнимателни и да имате на ум дека никој и ништо на интернет не е репер за популарноста или за тоа што луѓето ги интересира.

 Најпаметно е, барем за време на предизборието, да ги блокирате или игнорирате сите кои гледате дека шират партиско политичка пропаганда на интернет (независно дали се согласувате или не со нив) и ако ви се пријатели да ги одблокирате после изборите.

Секако дека треба да донесете информирана одлука за тоа за кој да гласате, но најдобриот начин е да ги гледате дебатите меѓу политичарите и преку тоа сами, без ничија помош или сугестија да донесете заклучок за кој да гласате. Но внимавајте и на замките со кои се служат и во телевизиските дебати, внимавајте секогаш кога се обидуваат да ви поттикнат позитивно или негативно чувство. Размислете дали имаат нови идеи и креативни решенија, како вистински ќе имате бенефит од мерките и идеите кои ги предлагаат, а не од празните зборови, заговори или бајки.

Игор Стојанов

Штип, Штипски глас бр. 97, декември 2019

Copyright © All rights reserved. | Newsphere by AF themes.